Skip to main content
Балкан

Научна студија: Движењето на магма под морското дно ја предизвикало интензивна сеизмичка активност кај грчкиот остров Санторини

21/11/2025  16:29

Сеизмичката активноста на почетокот на годинава во морскиот дел меѓу островите Санторини и Аморгос била предизвикана од огромна магматска интрузија, односно вертикален слој магма, што се ширела во бранови на повеќе од 20 километри во земјината кора на длабочина поголема од 10 километри под морското дно, покажува студијата на меѓународен истражувачки тим, објавена во списанието „Science“, која ја пренесува грчката новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина.

Истражувачите, меѓу кои и Грци, наведуваат дека ова магма била доволна „да се наполнат речиси 200.000 базени со олимписка големина“, била 200 пати поголема од големата пирамида во Гиза,, околу 200 пати поголема од Акропол или околу 500 пати од Емпајр Стејт Билдинг и додаваат дека била доволна „да се покријат Менхетен во Њујорк или Бермудските острови со слој дебел околу девет метри“.

Според научниците, за сеизмичката активноста, единствена во светот по бројот на земјотреси во многу ограничен временски период, што опфати стотици земјотреси, од кои некои со јачина над пет степени и предизвика вонредна состојба на Санторини, „постоеше силна неизвесност дали земјотресите се должат на вулканска активност што сигнализира можна претстојна ерупција или на поместување на тектонски раседи и можеби беше предвесник на поголем земјотрес (како катастрофалниот земјотрес со јачина 7,7 што го погоди истиот регион во 1956)“.

Причината за сеизмичката активноста била откриена со помош на напредни техники, кои прецизно ја одредиле просторната распределба на над 25.000 земјотреси во земјината кора, а студијата ги користела овие земјотреси како „виртуелни мерачи“ за го прикажат движењето на магмата, односно да ја идентификуваат и мапираат интрузијата што на крајот ги предизвика земјотресите.

Визуализацијата, како што нагласуваат истражувачите, ја исклучува можноста за поместување на тектонски раседи како примарна причина за сеизмичката активност во 2025.

– Деталниот просторно-временски приказ на сеизмичката активност во 2025 година покажува дека магматските интрузии, предизвикуваат земјотреси и можат да доведат до опасни вулкански ерупции, не вклучуваат едноставен еднонасочен процес на магмата што се движи хоризонтално или вертикално, пишува во научната студија според АНА-МПА.

Највпечатливо било тоа што интрузијата не се движела регуларно, туку според истражувачите, се одвивала во бранови – отворајќи нови пукнатини, затворајќи други и туркајќи ја магмата напред.

-Санторини, дел од грчкиот вулкански лак, има историја на катастрофални ерупции, вклучувајќи ја и „минојската ерупција“ околу 1620 година п.н.е. Сеизмичката криза од 2025 година, иако не беше проследена со ерупција, ја истакнува можната опасност со која се соочува локалното население и ја нагласува важноста на гео-физичкото следење со висока резолуција, заклучуваат истражувачите, објави грчката државна агенција.