
Членките на НАТО разгледуваат можност за утврдување нова цел за трошење средства – не само за воените буџети, туку и за цивилна одбрана и поддршка на Украина, изјави шведскиот премиер Улф Кристерсон.
Многу земји од Алијансата ги зголемија воените расходи по руската инвазија врз Украина во 2022 година, но сега се под притисок од американскиот претседател Доналд Трамп да достигнат уште повисоки нивоа на трошење – дури и до 5 отсто од БДП, што е значително над актуелната цел од 2 отсто.
Кристерсон рече дека на претстојниот самит на НАТО во Хаг во јуни можно е да се постигне договор за цел од над 3 отсто од БДП за одбрана, придружена со посебна цел за други расходи поврзани со безбедноста, цивилната одбрана и поддршката за Украина.
– Се водат дискусии, кои сè уште не се завршени, дали НАТО треба да има паралелна цел, покрај онаа за одбранбени расходи, и за цивилна одбрана, подготвеност, поддршка за Украина и слично, рече тој во Стокхолм.
Кристерсон објасни дека овие расходи би можеле да бидат определени како 3,5 отсто за воена одбрана плус дополнителни 1,5 отсто за другите поврзани области.
Според проценките на НАТО, 23 од 32 земји-членки минатата година ја исполниле или надминале целта од 2 отсто од БДП. Меѓу земјите што не ја исполниле се и некои големи економии како Италија (1,5%) и Шпанија (1,3%).
Шведска стана 32. членка на НАТО во март минатата година, поради пресврт во нејзината надворешна политика како резултат на зголемените безбедносни ризици од Русија.
– Одлучен сум да се погрижам Шведска да ги исполни обврските што НАТО ќе ги договори, потенцираше Кристерсон.