Skip to main content
Свет

НАТО нема да дозволи ниту една држава членка да се соочи сама со Русија

29/09/2025  16:10

Германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, изјави дека ниту една држава-членка на НАТО нема да биде оставена сама да се соочува со, како што ги нарече, руските провокации во форма на бран хибридни напади.

„Русија сака да ја тестира нашата решителност и да предизвика немири. Тоа е опасно и мора да добие јасен и единствен одговор“, рече Вадефул на прес-конференција во Варшава, каде настапи заедно со полскиот министер Радослав Сикорски и францускиот колега Жан-Ноел Баро, пренесе „Ројтерс“.

Тој додаде дека „НАТО ќе го штити секој педа од територијата на сојузот“ и нагласи дека „никоја членка нема да биде препуштена сама на заканите“.

Алијансата во септември ја активираше мисијата „Источна стража“ за зајакнување на одбраната на источниот фронт на Европа, по упадите на руски дронови во полскиот воздушен простор. Минатата недела, во Данска беа забележани неколку беспилотни летала во близина на аеродромот и клучна инфраструктура во Копенхаген, поради што најпрометниот аеродром во нордискиот регион беше затворен неколку часа.

Русија, пак, ги негира наводите дека нејзини дронови и борбени авиони го прекршиле воздушниот простор на земји членки на НАТО.