Skip to main content
Скопје

Насобраното ѓубре е секојдневие што стана нормалност за скопјани!

22/09/2025  15:30

Скопје, главниот град на Македонија, се соочува со сериозен проблем со отпадот. Контејнерите низ градот се преполни, а ѓубрето е расфрлано по улиците и тротоарите, создавајќи неуредна слика и сериозна закана за јавното здравје.

На фотографиите, направени на повеќе локации, се гледаат преплавени контејнери од кои се излеваат кеси и отпад, формирајќи купишта на тротоарите. Картони, пластични шишиња и различен комунален отпад го попречуваат движењето на пешаците и придонесуваат за непријатна миризба, особено во текот на топлите денови.

Оваа состојба, која трае со месеци, предизвикува големо незадоволство кај граѓаните. Денеска на социјалните мрежи реагираа и неколку кандидати за градоначалници. Независните Горан Марковски и Билјана Ивановска побараа поефикасни решенија за чистотата во градот.

Марковски, преку објава со фотографии од преполни контејнери, порача:
„Добро утро Скопје! Ако секое утро се туширате и спаструвате за да излезете од дома, такa е и со градот… секое утро треба да е спастрен и дотеран за граѓаните. Нема философија во чистиот град, само добра организација, математички прецизна и инженерски точна.“

Со слична порака се обрати и Ивановска, нагласувајќи:
„Ѓубрето е последно нешто од кое секојдневно сакаме да се ослободиме… но е прво за кое треба издржано решение.“