
Главниот град изминатото деноноќие беше сцена на серија насилни инциденти кои вклучуваа физички пресметки, обид за прегазување, семејно насилство и напад врз полициски службеник, покажува полицискиот билтен.
Најдраматичниот настан се случил ноќеска околу 01:20 часот во близина на рампата во населбата Маџари. Сообраќајната полиција запрела 28-годишен жител на Јурумлери, кој управувал возило со дури 1,64 промили алкохол во крвта. При контролата, тој физички нападнал полициски службеник кој извршувал службено дејствие и му упатил сериозни закани. Возачот веднаш бил лишен од слобода.
Сериозен инцидент бил регистриран и во општина Карпош, каде 18-годишен скопјанец бил приведен откако со автомобил „Мерцедес“ се обидел да прегази 13-годишно момче. Според информациите, настанот следел по претходна физичка пресметка меѓу малолетници.
Во истата општина, во локален трговски центар, 20-годишник физички нападнал лице од обезбедувањето при обид да изврши кражба во продавница.
Црната хроника бележи и повеќе случаи на насилство низ градот. Во Градскиот парк, 32-годишна жена пријавила дека била физички нападната од нејзиниот партнер, додека во Центар избила тепачка пред угостителски објект меѓу две млади лица.
Насилството не ги одминало ниту повозрасните граѓани – во Гази Баба дошло до физичка пресметка меѓу 73-годишник и 47-годишник, при што бил употребен и тврд предмет.
Полицијата интервенирала и во КПУ Затвор Скопје, каде еден притвореник физички нападнал друг затвореник.
Од МВР информираат дека по сите случаи се преземаат соодветни мерки и се поднесуваат кривични и прекршочни пријави.

