
Денес на терен беа утврдени точките за проширување на булеварот „Митхат Фрашери”, со што се отвора патот за започнување на процедурите и реализацијата на градежните работи.
Во текот на денот, претставници на Општина Чаир, заедно со комисијата на Град Скопје, излегоа на терен за утврдување на овие точки. Овој процес е дел од постапките за уредување на имотно-правните односи и започнување на експропријацијата, како предуслов за почеток на работите.
Проектот го опфаќа делот од крстосницата со улицата „Џон Кенеди” до крстосницата со булеварот „Босна и Херцеговина”, во должина од околу 1,4 километри, и предвидува современи сообраќајни решенија со четири сообраќајни ленти (по две во секоја насока), централен зелен појас, велосипедски патеки во двата правци, тротоари за пешаци, како и заштитно зеленило и простори за автобуски постојки.
По завршувањето на административните постапки, се очекува во најскоро време да започнат градежните работи, со што ќе се отвори патот за реализација на проектот.


