Skip to main content
Хроника

Нападнати полицајци во Кисела Вода и Шуто Оризари – двајца уапсени

30/09/2025  15:45

Во текот на изминатото деноноќие скопската полиција регистрира два случаи на агресивно однесување кон полициски службеници при вршење на службени дејствија.

Првиот инцидент се случил денеска во 00:50 часот на подрачјето на Кисела Вода, каде полициски службеници го лишиле од слобода Ш.Б. (52) од Скопје. Тој упатувал закани и агресивно се однесувал кон полицаец. При преглед на возилото „голф“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал, на совозачкото седиште бил пронајден и одземен нож.

Вториот инцидент е регистриран вчера во 16:15 часот на подрачјето на Шуто Оризари. Полициски службеници од СВР Скопје го привеле С.К. (43) од село Студеничани, кој агресивно се однесувал кон полицијата за време на извршување на службени задачи.

Од МВР информираа дека по целосно документирање на двата случаи ќе следуваат соодветни поднесоци.