Skip to main content
Македонија

Наместо сервис се менуваат само лепенки и картони на старите ПП апарати

21/03/2025  16:51

Редакцијата на 24 Инфо контактираше со неколку компании за противпожарна заштита кои, иако сакаа да останат анонимни, предупредуваат на сериозни нерегуларности во нивната индустрија. Според нив, моменталната состојба е алармантна, а компаниите се под огромен притисок да „испорачаат“ исправни системи за противпожарна заштита, иако реалноста е сосема поинаква.

Во пресрет на инспекциските контроли, наместо правилно сервисирање на противпожарните апарати и хидранти, во многу случаи се врши само заменување на картони и налепници, оставајќи ги истите нефункционални. Ова значи дека, доколку навистина дојде до пожар, опремата нема да може да се употреби, што може да доведе до катастрофални последици.

Дополнителен хаос предизвикува фактот дека граѓаните, исплашени од недостатокот на исправни противпожарни апарати, почнаа масовно да купуваат алтернативи. Во последните неколку дена, салоните за авто-козметика бележат огромен интерес за кинески противпожарни апарати, кои, според експертите, исто така не се функционални и не ги исполнуваат безбедносните стандарди.

Понатаму, за само три дена, сите увозници на противпожарни апарати ги распродале своите залихи, што значи дека во моментов во Македонија нема каде да се купи противпожарен апарат. Ова ја отвора дилемата – што доколку во наредните денови настане голем пожар, а граѓаните и институциите немаат на располагање исправна опрема за гаснење?

Останува отворено прашањето дали надлежните инспекции и институции ќе реагираат на овој алармантен проблем.