Skip to main content
Македонија

„Наместо разбирање – медиумски линч“: Синот на Жарко Грозданоски со порака до јавноста

28/03/2026  22:48

По последните случувања што ја вознемирија јавноста, синот на лекарот кој е осомничен за убиство излезе со јавна реакција, апелирајќи до медиумите и граѓаните да се воздржат од предвремени осуди и да ја почитуваат презумпцијата на невиност.

Во објава на социјалните мрежи, тој истакна дека неговото семејство поминува низ исклучително тежок период, нагласувајќи дека неговиот татко со години совесно и посветено ја извршувал лекарската професија.

„Во овие исклучително тешки моменти чувствувам потреба да изразам целосна поддршка за мојот татко, кој со години чесно и пожртвувано ја работи својата професија. Наместо разбирање, сведоци сме на медиумски линч кој воопшто не е потребен во ваква чувствителна ситуација“, наведува тој.

Тој додава дека, според него, неправедно се занемаруваат сите луѓе на кои лекарот им помогнал, како и животите што ги спасил во текот на својата кариера.

„Брвенчани, тетовчани, но и граѓаните низ цела Македонија добро знаат кој е Жарко – не само како доктор, туку и како човек“, стои во реакцијата.

Во меѓувреме, од Министерството за внатрешни работи информираа дека вчера во 17:20 часот во тетовското село Брвеница, полициски службеници од СВР Тетово, по претходно распишана централна потерница од СВР Охрид, го лишиле од слобода Ж.Г. (53), кој се сомничи за сторено кривично дело „убиство“ по член 123 од Кривичниот законик.

Според полицискиот билтен, истиот ден во 8:24 часот во СВР Охрид било пријавено дека во семејна куќа на улицата „Нада Филева“ во Охрид бил пронајден без знаци на живот 76-годишниот К.М.

На местото на настанот извршен е увид од јавен обвинител и полициски екипи, а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт. По наредба на обвинителството, телото на починатиот е предадено на обдукција, а истрагата за случајот е во тек.