Skip to main content
Скопје

Најтопло денеска во Скопје

13/03/2026  17:14

Времето денеска во земјава беше сончево и релативно топло, со мала локална облачност и слаб до умерен ветер од променлив правец. Максималната температура достигна до 20 степени, измерени во Скопје на мерните места Зајчев Рид и Петровец.

Според податоците од метеоролошките станици, најтопло покрај во Скопје беше и во Демир Капија, Велес, Кавадарци и Струмица со температури до 19 степени, додека 18 степени беа измерени во Виница, Тетово, Штип и Гевгелија, објави 4news.mk Во Битола и Крива Паланка температурата достигна 17 степени, во Охрид, Прилеп и Тополчани 16, а во Берово, Ѓуриште и Пожаране 15 степени.

Пониски температури беа измерени во планинските и повисоките места, па така во Претор максималната температура изнесуваше 14 степени, во Лазарополе 13, во Маврови Анови и Радовиш 12, во Крушево 10, додека најстудено беше на Попова Шапка со 7 степени. На оваа планина и натаму има снежна покривка од 56 сантиметри.

До крајот на денот времето ќе остане ведро и претежно тивко.

Утре се очекува умерено облачно време со сончеви периоди, а во попладневните часови, особено во западните делови од земјата, ќе има услови за краткотраен повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи од -3 до 2 степени, а дневната ќе достигне од 12 до 19 степени.

Во Скопје утре времето ќе биде умерено облачно, со можност за повремен локален дожд. Минималната температура ќе се спушти до 1 степен, а максималната ќе достигне околу 18 степени.

За време на викендот времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а попладне во западните делови ќе има услови за краткотраен дожд. До вторник ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Во среда ветерот ќе го смени правецот во источен, а во четврток во североисточен. Од вторник се очекува постепено намалување на дневните температури.