Skip to main content
Свет

Најмалку 8 цивили загинаа во судирите во Тајланд

24/07/2025  11:10

Најмалку осум лица загинаа во судирите со Камбоџа денеска, соопшти тајландската полиција. Ракетата погодила продавница во Бан Нам Јен, на околу 20 километри од границата со Камбоџа, потврди началникот на округот Кантаралак во покраината Сисаке.

Според Си-Ен-Ен, Тајланд ги обвини камбоџанските сили дека испукале две ракети BM-21 во цивилна област во округот Кап Чоенг, покраината Сурин, при што биле повредени тројца цивили.

Министерството за надворешни работи на Тајланд соопшти дека нападите на Камбоџа врз цивилни области продолжиле во текот на целиот ден, вклучително и напад врз болницата Фаном Донг Рак.

-Овие акти предизвикаа дополнителни загуби на животи и повреди на тајландски граѓани, изјави портпаролот на министерството на прес-конференција.

Камбоџа претходно соопшти дека тајландски борбен авион Ф-16 фрлил две бомби на патот. Досега нема информации за жртвите на камбоџанска страна.

Тајландската амбасада во главниот град на Камбоџа, Пном Пен, ги повика своите граѓани да ја напуштат земјата „што е можно поскоро“ поради ескалацијата на граничниот конфликт, предупредувајќи дека конфликтот може „да се продолжи и дополнително да ескалира“, објави Си-Ен-Ен.

-На тајландските граѓани кои моментално се во Камбоџа без убедлива причина за престој им се советува да ја напуштат земјата штом можат безбедно да го сторат тоа, соопшти амбасадата во објава на Фејсбук. Амбасадата, исто така, советуваше да не се патува во Камбоџа.

И Кина и Велика Британија ги повикаа граѓаните во близина на конфликтот да бидат внимателни.

-Британските државјани треба да бидат „посебно внимателни“ и „да ги почитуваат упатствата на локалните власти“ кога патуваат во пограничните области меѓу Тајланд и Камбоџа, предупреди Министерството за надворешни работи.

Во меѓувреме, Кина, исто така, ги повика своите граѓани во Камбоџа да ги избегнуваат пограничните области. Тајланд ја затвори својата копнена граница со Камбоџа поради ескалацијата на тензиите.

Владата на Камбоџа одлучи да ги намали дипломатските односи со Тајланд, по слични потези на тајландската влада.

Тајланд вчера ги намали дипломатските односи со Камбоџа по инцидентите со мини во близина на границата во кои беа повредени тајландски војници.

На целиот камбоџански дипломатски персонал стациониран во Бангкок му е наредено да се врати во земјата.