
Црногорската полиција соопшти дека во местото Трново, во општина Бар, била откриена досега најголемата плантажа за марихуана во земјата. Во акцијата со кодно име „Трново“ уапсени се 40-годишниот Златко Мараш од Зета и 65-годишниот Драган Перовиќ од Бар.
Од Управата на полицијата информираат дека акцијата е резултат на повеќемесечни истражни и доказни мерки, реализирани во соработка со Вишото државно обвинителство во Подгорица, Граничната полиција и Секторот за борба против криминал. Целта, како што велат, била разбивање на синџирите за производство, дистрибуција и шверц на дрога.
„Во рамки на акцијата, на осум парцели беа пронајдени околу 13.100 садници канабис во напредна фаза на одгледување. Плантажата била опремена со системи за наводнување, софистицирана технологија и обезбедување, што укажува на висок степен на организација на извршителите“, се наведува во полициското соопштение.
Двете осомничени лица биле затекнати на самото место и веднаш приведени. Полицијата и обвинителството извршиле увид, иззеле докази и започнале уништување на садниците. Дополнително биле претресени куќи и возила користени од осомничените, при што биле пронајдени предмети кои ќе бидат предмет на вештачење.
По завршувањето на криминалистичката обработка, двајцата се товарат за кривично дело – недозволено производство, држење и пуштање во промет наркотични дроги.
Од полицијата нагласуваат дека акцијата „Трново“ е доказ за континуираниот ангажман во борбата против организираниот криминал и шверцот на наркотични средства.
„Со оваа акција уште еднаш ја покажуваме одлучноста, посветеноста и непоколебливоста во мисијата за заштита на безбедноста, животот и здравјето на граѓаните“, порачуваат од црногорската полиција.