Skip to main content
Спорт

Најголем успех во кариерата, Бадоса се пласира во полуфиналето на АО

21/01/2025  11:35

Шпанската тенисерка Пола Бадоса се пласираше во своето прво Грен слем полуфинале во кариерата. Девојката родена во Њујорк ја елиминира третата носителка, Американката Коко Гоф со 7:5, 6:4.

Бадоса (12. на ВТА листата), од самиот старт ја притисна својата ривалка, која се соочи со две брејк шанси во третиот гем, но успеа да се извлече од таа ситуација. Она што не и успеа во третиот, Бадоса го направи во 11. гем, направи брејк, а потоа и го освои сетот.

Вториот сет започна со сервис на Гоф и маратонски гем од 14 минути, кој го освои Бадоса. Американката успеа да го врати брејкот, изедначи на 2:2, но потоа следуваше нова серија на Бадоса. Со два брејка, Шпанката дојде до 5:2, Гоф врати еден брејк, но не успеа да го врати и вториот.

Бадоса се разбуди навреме, одично сервираше во 10.гем и по еден час и 43 минути ја прослави победата.

Нејзина ривалка во полуфиналето ќе биде победничката од мечот меѓу Арина Сабаленка и Анастасија Пављученкова.