Skip to main content
Магазин

Најчестите грешки при подготовка на ајвар

30/09/2025  16:08

Ајварот е неизоставен дел од зимницата и омилен деликатес во многу домови. Некој го сака лут, некој благ, некој со модар патлиџан, но сите се согласуваат дека правилната подготовка е клуч за совршен вкус. Сепак, многу домаќинки прават грешки што го расипуваат ајварот.

Погрешна математика – За добар ајвар е важен вистинскиот сооднос на зеленчукот. Ако не се користи само пиперка, на три килограми пиперки треба да оди еден килограм модар патлиџан.

Одбирате ситни пиперки – За квалитетен ајвар, пиперките треба да се дебели и зрели. Најдобро е да ги пресечете и пробате пред купување.

Не ги печете, туку варите – Најдобриот вкус се добива при печење на скара или на природно дрво/јаглен, а не со варење.

Прекратко печење – Зеленчукот треба да се пече додека кожичката не почне да се одвојува, со повремено превртување, за да не изгори, но и да не остане недопечен.

Недоволно цедење – Излупените пиперки и патлиџани треба да се цедат најмалку 12 часа, што го подобрува вкусот и го скратува времето за готвење.

Нетрпеливо мешање – За кремаст ајвар, важно е трпеливо мешање за постигнување совршена текстура.

Ги оставате семките – Ако не сакате луто, исчистете ги семките од пиперките и патлиџаните за да не го расипат вкусот.

Премногу солење – Солта се додава постепено, а пред пробување ајварот треба малку да се олади за вистинскиот вкус да се почувствува.

Оставате валкани рабови – Пред да затворите теглата, избришете ги рабовите со алкохолен оцет за да трае зимницата подолго.

Не ги ладите постепено – Стерилизираните тегли затворете ги и ставете во рерна на 100 степени околу час и половина, потоа оставете ги да се оладат во рерната. Чувајте ги на мрачно и ладно место.

Со овие едноставни трикови, секоја домаќинка ќе може да направи совршен ајвар кој ќе го краси секој оброк и зимница.