
Откако на собраниската седница за пратенички прашања во четвртокот премиерот Христијан Мицкоски ја повика опозицијата да поддржи измени на Изборниот законик за една изборна единица, но и да се озвозможи и дијаспората да гласа, Либерално-демократската партија и Демократскиот сојуз најавија дека до Собранието ќе достават свои предлози за измени на Изборниот законик со цел воведување на една изборна единица.
Од ЛДП најавија дека денеска ќе поднесат предлог за воведување на една изборна единица, во којшто ќе бидат вклучени и предлозите доставени за независни листи. Демократскиот сојуз, пак, во петокот најави дека во текот на неделава до Парламентот ќе го достави Предлог-законот за измена на Изборниот законик, кој пратениците можат да го дополнат и со забелешките на ОБСЕ и ОДИХР. Поддршка за една изборна единица дадоа и ТПХ и ДОМ.
Премиерот Мицкоски на седницата за пратенички прашања потврди дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и колаицијата ќе поддржат Закон за една изборна единица.
-Ве повикувам заедно сите да го промениме Изборниот законик и да направиме една изборна единица и во таа една изборна единица да дозволиме да се формираат избирачки места во оние држави во кои се дозволува согласно Устав да се формираат избирачки места надвор од Дипломатско конзуларните претставништва (ДКП). Јас сум подготвен веднаш, а и пратениците од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, да го поддржиме тој закон каде што ќе има една изборна единица и во таа една изборна единица да се гласа, вклучително да бидат вклучени и гласовите од дијаспората. Да се гласа насекаде каде што дозволува законот на таа држава, да се гласа надвор од ДКП. Веднаш подготвен сум да го поддржам тој закон и давам збор дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи, одговори премиерот Мицскоски на пратеничко прашање поставено од пратеничката Илирие Даути.
Претседателката на ЛДП и пратеничка, Моника Зајкова, денеска во Собранието повторно ќе поднесе предлог закон за воведување на една изборна единица и отворени листи.
Портпаролот на партијата Љубен Аврамовски вчера изјави дека ЛДП дава силна поддршка за воведување на една изборна единица, отворени листи, како и вклучување на предлозите од граѓанскиот сектор за независни листи во креирање на новиот Изборен законик. Потсети дека ова не е нова иницијатива за ЛДП, но за жал, тогаш тие иницијативи не добија поддршка.
– Како прва политичка партија која јавно ја поддржа оваа идеја, уште еднаш ја нагласуваме потребата од праведен и транспарентен изборен модел, кој ќе обезбеди еднаквост на гласот и директно на граѓаните во изборот на нивните претставници. Цврсто веруваме дека оваа промена ќе донесе поголема транспарентност, поголема одговорност на избраните претставници, како и посилна демократија во нашата земја, рече Аврамовски.
ЛДП ги повикува сите политички партии како и граѓанскиот сектор на отворен дијалог и заедничка работа, со една цел – конечно усвојување фер, праведен и современ изборен модел, кој ќе им служи на сите граѓани подеднакво.
И Партијата за движење на Турците (ТХП) викендов изрази подготвеност да учествува во дебата за промени во изборниот модел и ја поддржува иницијативата за отворање на широк дијалог околу измени на Изборниот законик. Сепак, како што наведоа тие, останува отворено прашањето дали премиерот има јасна визија и план за тоа како ќе се обезбеди правичен и инклузивен изборен модел кој ќе овозможи реална и фер претставеност на помалубројните заедници во Собранието.
-Потребна е сеопфатна, инклузивна и транспарентна реформа, која ќе ја гарантира рамноправноста на сите граѓани – без разлика на бројноста на заедницата од која доаѓаат. ТХП ќе продолжи активно да се залага за изборен систем кој ќе ја одразува реалната мултиетничка структура на државата и ќе гарантира глас и претставеност на сите заедници во духот на вистинската демократија, се наведува во соопштението од партијата.
Демократскиот сојуз ја поддржува определбата на премиерот Христијан Мицкоски, а според партијата ваквите измени ќе значат демократизација на изборниот процес и демонтажа на „еднопартискиот систем” на владеење, како и зголемување на одговорноста на извршната и законодавната власт.
-Во процесот на носење круцијални одлуки ќе бидат вклучени повеќе партии и ќе јакне законодавната контрола на извршната власт. Со измените, зад секој пратеник ќе стојат ист број гласачи, а не како до сега во Изборната единица бр. 6 пратеник да се избира со 6.300 гласа, а во Изборната единица бр. 3 со 10 илјади гласови, наведоа од ДС, од каде исто така најавија дека во текот на оваа недела ќе поднесат предлог до Собранието.
Демократска обнова на Македонија (ДОМ), соопшти дека со задоволство ја поздравува иницијативата на премиерот за воведување на една изборна единица, но смета дека истата треба да биде проширена со воведување на пропорционален изборен систем, без праг, со отворени листи и со 50% застапеност на жени на листите.
-Ова е предлог за кој ние со години се залагаме и за кој сме убедени дека е клучот за посуштинска демократизација и поправедно претставување на граѓаните во нашето Собрание, посочуваат од ДОМ.