Skip to main content
Балкан

Нафтена индустрија на Србија доби трето одложување на воведување санкции од САД

26/04/2025  11:23

Нафтена индустрија на Србија (НИС) доби трето одложување на воведување санкции од САД поради мнозинскиот руски капитал во таа компанија. Овојпат, воведувањето на санкции беше одложено за дури два месеца, односно до 27 јуни. Рокот на претходно одложените санкции изминува в понеделник – 28 април.

„Добри вести за граѓаните на Србија. Србија успеа да добие ново одложување на санкциите за НИС, овојпат за два месеца, до 27 јуни. Благодарност до нашите американски партнери за разбирањето на ставот на Србија“, напиша Вучиќ на својот Инстаграм профил buducnostsrbijeav.

Во средата, компанијата НИС поднесе ново барање до Министерството за финансии на САД за издавање посебна лиценца со која се одложува целосното спроведување на санкциите, а целта е да се овозможи компанијата непречено да работи и по 28 април.