
Хеленската опсерваторија за биодиверзитет известува за наезда на виолетова медуза (Pelagia noctiluca) долж крајбрежните области на централна Грција, предупредувајќи ги капачите да бидат исклучително внимателни. Првичните проценки за интензитетот на наездата во Пагаскиот Залив и околните региони биле потценети поради недоволниот број пријави од јавноста. Ситуацијата во меѓувреме се влоши, а нашествието се шири побрзо од очекуваното, пишува Greek Reporter.
Области во Грција каде што виолетовата медуза предизвикува загриженост
Присуството на виолетовата медуза особено предизвикува загриженост во неколку области:
Северниот залив на Евија: Доверливи извештаи потврдуваат сериозен проблем, кој дополнително се влошува кон север. Северна Евија е особено ранлива бидејќи претставува излез од Пагаскиот Залив кон отворено море.
Пагаски Залив: Медузите сè уште се присутни, претежно долж источните брегови.
Северни Споради: Потврдено е дека се видени на Скијатос и Скопелос.
Големи популации на медузи во Грција се појавуваат на интервали од четири до пет години, слично како и во другите медитерански земји. Во грчките мориња медузите обично остануваат две до три години, а должината на нивното присуство варира во зависност од регионот и условите во конкретниот морски екосистем.
Харитос Хинтироглу, професор по морска биологија на Аристотеловиот универзитет во Солун, неодамна за радио „Агенција 104,9“ изјави дека популациите на медузи периодично растат и дека овој феномен сѐ уште се проучува. „Не знаеме точно зошто доаѓа до овој пораст на популацијата“, рече Хинтироглу.
Тековната наезда во Грција го одразува феноменот забележан низ Медитеранот меѓу 2020 и 2023 година. На Гибралтар ситуацијата е најтешка, а наезди се забележани и во Шпанија, Франција, Италија и во Јадранското Море.
За виолетовата медуза (Pelagia noctiluca)
Овој вид е релативно мал и шаренолик. И нејзините пипала и „капа“ (ѕвоно) се покриени со жарни клетки (нематоцисти), што е невообичаено за медузи. Иако генерално не е опасна по живот, убодите се чести и болни, а симптомите можат да траат подолго време. Во ретки случаи може да се јават сериозни системски реакции кои бараат итна медицинска помош. Ројот на медузи Pelagia noctiluca е познат по тоа што може да уништи цели рибници, поради што се интензивно проучува.
Симптоми на убод од виолетова медуза
Најчести симптоми при контакт се:
силно печење,
црвенило на кожата,
отпечаток од медузата на кожата.
Убодот исто така може да предизвика:
мачнина, главоболка, повраќање и дијареја,
пад на крвниот притисок и забрзана работа на срцето (тахикардија),
бронхоспазми и отежнато дишење.
Итна хоспитализација е неопходна ако се појават симптоми како што се:
пад на притисокот
свирење при дишење
нарушување на свеста
потешкотии во комуникацијата.
Што да правите при убод на медуза?
При убод на медуза се препорачуваат следните мерки:
Внимателно отстранете ги преостанатите пипала, но не со голи раце, за да спречите дополнително печење. Може да помогне триење на местото со песок.
Исперете го местото на убодот обилно со морска вода. Не користете слатка вода, бидејќи може да ги активира преостанатите жарни клетки.
Ставете мраз или ладни облоги на местото на убодот за да ја намалите локалната реакција на кожата.
Нанесете кортикостероидна крема за да го намалите воспалението и чешањето.
Земете антихистаминик ако се појави изразено чешање, особено ако е погодена поголема површина од кожата, со совет од лекар.
Ако симптомите се тешки или не поминуваат по локалната терапија, може да биде потребна инјекција кортизол. Во тој случај веднаш одете во болница или здравствен центар.
И покрај овие мерки, се препорачува веднаш по убодот да посетите лекар за да добиете навремени совети и помош.