
Дијабетесот останува една од најбрзорастечките хронични болести на 21 век, покажува Единаесеттото издание на IDF Diabetes Atlas (2025). Според податоците, во 2024 година глобално со дијабетес живееле околу 589 милиони возрасни лица, што претставува 11,1 проценти од светската популација на возраст од 20 до 79 години. Во Македонија со дијабетес живеат околу 141 илјада лица, што е 8,9 проценти од возрасните, односно, приближно секој единаесетти граѓанин на таа возраст.
Атласот укажува дека околу 43 отсто од сите возрасни со дијабетес во светот не се дијагностицирани. Тоа значи дека околу 252 милиони луѓе живеат со дијабетес без да знаат за својата состојба, со што се пропушта можноста за рана интервенција и превенција од компликации. Дополнително, 635 милиони лица имаат нарушена толеранција на гликоза, а 488 милиони нарушена гликемија на гладно – состојби кои значително го зголемуваат ризикот за развој на дијабетес тип 2 и кардиоваскуларни заболувања. Со хипергликемија (покачено ниво на шеќер во крвта) во бременост засегнати се околу 1 од 5 родилки.
Дијабетесот, воедно, е водечка причина за предвремена смрт. Во 2024 година, болеста е одговорна за повеќе од 3,4 милиони смртни случаи кај возрасни од 20 до 79 години, што претставува околу 9,3 проценти од сите глобални смртни случаи.
Атласот покажува дека економскиот товар е исто така огромен – директните здравствени трошоци за дијабетес првпат го надминаа прагот од 1 трилион американски долари, што претставува околу 12 проценти од вкупната глобална здравствена потрошувачка.
Во неговото 11-то издание Глобалниот Атлас за дијабетес посветува значително поголемо внимание на тип 1 дијабетес во сите возрасни групи. Глобално, се проценува дека 9,1–9,5 милиони луѓе живеат со тип 1 дијабетес во 2024 година, од кои околу 1,9 милиони се деца и адолесценти под 20 години.
Спротивно на општо прифатеното мислење, поголемиот дел од луѓето со тип 1 дијабетес (околу 69%) се возрасни на возраст од 20–59 години, а не деца. Во Европа има најголем процент на лица со тип 1 дијабетес – околу 2,7 милиони, што го одразува високото преживување и подобриот пристап до инсулин и грижа.
Во Македонија 938 смртни случаи годишно се поврзани со дијабетес
Според проценките на Атласот, во Македонија со дијабетес живеат околу 141 илјада лица, што е 8,9 проценти од возрасните, односно приближно секој единаесетти граѓанин. Од нив, околу една третина – приближно 47 илјади лица – не знаат дека ја имаат болеста. Компаративната преваленца од 7,4 проценти е малку под европскиот просек од 8 проценти.
Според IDF, во земјата живеат околу 2.292 лица со тип 1 дијабетес, годишните здравствени трошоци поврзани со дијабетес изнесуваат околу 134 милиони американски долари, или приближно 953 долари по пациент, а смртноста поврзана со дијабетес се проценува на околу 938 случаи годишно.
Национални извори проценуваат дека 112.000–135.000 лица се дијагностицирани со дијабетес, вклучувајќи околу 4.000 официјално регистрирани со тип 1 дијабетес, 40.000 лица со тип 2 на инсулин и 72.000–80.000 на орална терапија.
Тие посочуваат дека инсулинот е бесплатен за сите лица со дијабетес, но рефундацијата за други лекови е ограничена. Инсулински пумпи и CGM системи моментално се бесплатни само за деца и лимитиран број на лица со тип 1 дијабетес со сериозно развиени компликации како слепило, дијализа и ампутации (околу 330 корисници на инсулински пумпи и 600 корисници на CGM системи), а глукомерите и лентите се целосно рефундирани само за лица со тип 1; за лица со тип 2 на инсулин пристапот е порестриктивен.
Националната програма за дијабетес и системот за јавни набавки ги финансираат инсулинот, глукагонот, игли, ленти, пумпи и CGM сензори, со планиран буџет од околу 16,1 милиони USD за 2024 година. Но, неодамнешни проблеми со тендери довеле до сериозни недостиги од глукомери, ленти, игли и потрошни материјали за пумпи.
За подобри резултати потребно е зајакнување на регистрите, пристапот до современо следење и мултидисциплинарна грижа, како и целосна активација и надополнување на Националната стратегија за дијабетес. Дополнително, нова методологија за финансирање и буџетирање според регионални примери може да постави темели за пофункционален здравствен систем.
До 2050 година бројката може да достигне 853 милиони лица, односно 13 проценти од возрасната популација
Податоците покажуваат дека дијабетесот се зголемува во сите IDF региони, но динамиката значително варира. Така, во Африка (AFR) е очекуван пораст од 142% во бројот на лица со дијабетес до 2050 година (од 25 на 60 милиони) – најголемиот релативен пораст. Во Западен Пацифик (WP) моментално има околу 215 милиони возрасни со дијабетес – повеќе од една третина од сите глобални случаи. Само Кина сочинува еден од четворица возрасни со дијабетес во светот. На Блиски Исток и Северна Африка (MENA) приближно 1 од 6 возрасни има дијабетес (85 милиони луѓе), највисока регионална преваленца. Проекциите покажуваат пораст од 92% до 2050 година. Во Европа (EUR) има околу 65,6 милиони случаи во 2024 година, со проекција од 72,4 милиони до 2050 година – најмал релативен, но значаен апсолутен пораст. Северна Америка и Карибите (NAC) имаат највисоки здравствени расходи поврзани со дијабетес (439 милијарди USD) – 43% од глобалната потрошувачка за дијабетес.
Атласот вели дека до 2050 година бројката може да достигне 853 милиони лица, односно 13 проценти од возрасната популација. Во сите региони, мнозинството нови случаи и најголемиот пораст до 2050 година ќе се случат во земјите со низок и среден приход, каде здравствените системи се најмалку подготвени да одговорат на хроничните болести.
Дијабетес Атласот на Меѓународната федерација за дијабетес претставува глобална истражувачка и адвокатска алатка што нуди споредливи податоци за 215 земји и територии преку нова онлајн платформа. Единаесеттото издание ги истакнува клучните приоритети во борбата против дијабетесот меѓу кои се рана детекција, превенција, зајакнување на здравствените системи и заштита на ранливите групи.
Светскиот ден на дијабетес се одбележува секоја година на 14 ноември и претставува најголемата глобална кампања за подигнување на свеста за оваа хронична болест. Воведeн е од Меѓународната федерација за дијабетес и Светската здравствена организација, а во 2006 година доби официјален статус од Обединетите нации. Денот се одбележува во чест на роденденот на Сер Фредерик Бантинг, еден од откривачите на инсулинот, и има за цел да информира за превенцијата, раната дијагноза и современата терапија. Симболот на кампањата е синиот круг, кој претставува единство во борбата против дијабетесот, а во Македонија се организираат едукативни настани, бесплатни мерења на шеќер во крвта и јавни трибини за поддршка на пациентите.

