Skip to main content
Свет

Над Естонија кренати авиони Ф-35 за да пресретнат руски авион

28/08/2025  18:50

Два италијански Ф-35, распоредени во рамките на мисијата на НАТО за надзор на воздушниот простор на Балтикот, полетаа од базата Емари во Естонија за да пресретнат руски воен авион.

Се работи за т.н. „скрембл“, односно итно пресретнување, кое, според соопштението на сојузничката команда, ја покажало подготвеноста на НАТО да ги штити своите членки во источното крило.

Уште на 11 август италијанскиот Ф-35 мораше да реагира на сличен начин. Тогаш, за време на рутинска вежба, центарот за операции на НАТО од Германија нареди итна интервенција поради неидентификувано летало во меѓународниот воздушен простор над Балтикот.

Мисијата на НАТО „Air Policing“ е покрената уште во 2004 година со цел постојана заштита на воздушниот простор на сојузниците, особено на Естонија, Летонија и Литванија, кои немаат сопствени борбени авиони. Оттогаш во неа ротираат членки на НАТО, а по руската анексија на Крим во 2014 година, таа е дополнително зајакната на источното крило на Алијансата.

Активностите на италијанските Ф-35, базирани во Емари, во мисијата „Baltic Air Policing“ ги координира италијанскиот врховен команден штаб (COVI), во соработка со командата на НАТО во Рамштајн.