
Над 95.000 жени во Италија се жртви на генитално осакатување, покажуваат податоци презентирани по повод Меѓународниот ден против оваа практика, пренесе италијанската агенција Анса. Според здруженијата што се занимаваат со ова прашање, феноменот во Европа е во пораст и најчесто е поврзан со миграцијата од региони каде што ваквата пракса сè уште постои. Тој претставува сериозен предизвик за здравствените, социјалните и службите за заштита на децата.
Мрежа од здруженија предлага формирање Меѓународна опсерваторија која би го следела проблемот, би собирала релевантни податоци и би координирала програми за превенција, едукација и информирање. Експертите предупредуваат дека и покрај постоечките заштитни механизми, превенцијата во Италија е недоволна и нерамномерна. Во многу случаи, осакатувањето се открива доцна за време на бременост, породување или по појава на компликации, кога последиците веќе се трајни. Здруженијата повикуваат на рана интервенција и посилна вклученост на здравствените установи, училиштата и социјалните служби, како и на задолжителна обука на здравствените работници и подобра институционална координација.
„Ова не е традиција, туку форма на систематско насилство што остава длабоки физички и психолошки последици“, предупредуваат активистите.


