Skip to main content
Свет

Над 40 Палестинци убиени во израелските напади во Појасот Газа

10/09/2025  20:35

Најмалку 41 Палестинец е убиен, а 184 ранети во израелските напади во Појасот Газа во текот на изминатите 24 часа, објавија палестинските медиуми, повикувајќи се на локални медицински лица.

Бројот на убиени Палестинци од почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година достигна 64.656, а 163.503 се ранети. Повеќето од жртвите се жени и деца.

Израел соопшти дека планира да ја преземе контролата врз градот Газа, најголемиот на опустошената палестинска територија. Се проценува дека градот е дом на околу еден милион луѓе, или речиси половина од населението на Појасот Газа.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата изјави дека околу 100.000 Палестинци досега избегале од градот Газа. Хуманитарните групи предупредија дека офанзивата ќе ја влоши веќе тешката ситуација за палестинските цивили.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) во неделата за прв пат ги повикаа сите жители на градот Газа да се евакуираат. Војниците испраќаа гласовни и текстуални пораки и дистрибуираа летоци со кои ги повикуваа луѓето да го напуштат градот. „Многу е опасно да се остане во областа“, предупреди ИДФ.

Израел, кој води војна против Хамас речиси две години, вели дека има за цел да ги елиминира милитантите што се кријат во градот.