
Платформата Cinesquare продолжува да ги носи најдобрите европски детски филмови до младата публика! Повеќе од 25 внимателно селектирани филмови за деца од 6 до 12 години сега се достапни за гледање во земјава преку каталогот Kidsquare – и тоа по промотивна цена од само 1 евро!
Каталогот опфаќа врвни европски детски филмови, меѓу кои: „Кариран нинџа“, „Смрдушковци“, „Луси гангстерката“, „Младиот Винету и изгубените биволи“, „Летни бунтовници“, „Вау – порака од вселената“, „Викторија мора да замине“, „Дури и глувците одат во рајот“ и многу други.
Kidsquare ја збогатува филмската понуда со елементи на гејмификација, овозможувајќи на децата интерактивно искуство преку игри и квизови поврзани со филмовите, при што корисниците собираат поени кои можат да ги искористат за дополнителна забава.
„Нашата цел е да ја доближиме висококвалитетната европска детска содржина до поширока публика, на достапен и иновативен начин. Со Kidsquare, создаваме уникатно искуство кое комбинира филм, едукација и забава, а цената од само 1 евро овозможува што повеќе деца да уживаат во овие креативни содржини“ – велат од Катавеј.
Филмовите од Kidsquare се достапни преку платформата Cinesquare.net, како дел од проектот координиран од Катавеј во партнерство со Nowe Horyzonty (Полска) и Nexo Digital (Италија), кофинансиран од програмата Креативна Европа – МЕДИА.