
Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) во текот на минатата година примила вкупно 244 жалби за неетичко известување во медиумите, што претставува најголем број досега, информираа денеска од Советот. Од нив, 145 жалби биле оценети како неосновани за разгледување, додека Комисијата разгледала и донела одлуки за 96 случаи.
Најчестите прекршувања се однесувале на членовите еден, три и десет од Кодексот на новинарите, а најголем дел од жалбите биле насочени кон содржини објавени на интернет порталите – вкупно 78. За печатените медиуми и нивните веб изданија поднесени биле 11 жалби, за веб страниците на телевизиите шест, додека една жалба се однесувала на содржина емитувана на телевизија.
Од разгледаните 96 жалби, во 58 случаи Комисијата утврдила прекршување на Кодексот, во 32 случаи не било утврдено прекршување, додека шест жалби биле решени преку медијација. Најчести подносители на жалбите во 2025 година биле политичари, носители на јавни функции и институции со 36 жалби, по што следуваат граѓаните со 25, организациите и здруженијата од граѓанскиот сектор со 22, а медиумите, новинарите и политичките партии со по шест жалби.
Претседателката на Управниот одбор на СЕММ, Леунора Калиќи, посочи дека бројките не се само статистика, туку показател за довербата во Советот како организација што го штити професионалното и етичкото новинарство. Таа нагласи дека анализата на жалбите укажува каде е потребна дополнителна реакција и подобрување во медиумскиот простор, особено имајќи предвид дека најголем дел од информациите денес се објавуваат онлајн, поради што и најголемиот број жалби се однесуваат на интернет медиумите.
Извршната директорка на СЕММ, Билјана Георгиевска, истакна дека статистичките податоци секоја година покажуваат различни трендови, посочувајќи дека во 2024 година имало голем број лажни жалби поднесени во име на институции, што укажувало на злоупотреба на механизмот за саморегулација. Во 2025 година, пак, значителен број жалби биле поврзани со трагедијата во Кочани, кога во еден ден по погребот на жртвите биле доставени повеќе од 140 жалби. Според неа, станувало збор за необична ситуација која наликувала на оркестриран дигитален напад, бидејќи голем дел од жалбите доаѓале од еднократни електронски адреси или непостоечки телефонски броеви, а дел се однесувале и на странски медиуми.
Претседателката на Комисијата за жалби, Снежана Трпевска, оцени дека иако постои перцепција дека одлуките на Комисијата немаат големо влијание, искуството покажува дека за многу медиуми е значајно кога ќе се посочи етички пропуст. Таа посочи дека доминацијата на жалби за интернет порталите се должи и на полесната достапност на содржините на интернет, но и на фактот дека дел од традиционалните медиуми подобро ги познаваат етичките правила.
Трпевска додаде дека дел од жалбите се однесувале и на новите форми на новинарство, како подкастите, кои стануваат сè повлијателни во јавниот простор, но во кои често се појавува непрофесионализам и недоволно познавање на етичките стандарди. Комисијата, како што посочи, донела и одлуки со кои се нагласува дека содржина создадена со помош на вештачка интелигенција не смее да се објавува без новинарска проверка и уредничка контрола.


