
Во организација на Здружението за акција против насилство и трговија со луѓе „Отворена порта – Ла Страда“ денеска во Скопје ќе биде одржан Национален форум насловен „Положбата и правата на жртвите на трговија со луѓе во кривичната постапка“, организиран во рамки на регионалниот проект SPOT-ON! Одговорност на државата за гонење на трговија со луѓе OFF/ON!.
Како што информираат од „Отворена порта – Ла Страда“, Форумот ќе ги обедини националните експерти, претставници од судството, обвинителството, спроведувачите на законот, државни институции, амбасади, граѓанскиот сектор и академската заедница за да ги разгледаат клучните наоди од правната анализа на судската практика и студии на случаи поврзани со трговијата со луѓе. Настанот ќе се фокусира на улогата и третманот на жртвите во кривичната постапка, ќе поттикне препораки за обезбедување на пристап насочен кон жртвите и ќе придонесе кон унапредување на националните политики и практики за подобрен пристап до правда за жртвите на трговија со луѓе.
На отворањето на Форумот ќе се обратат Марија Ристеска од Центарот за истражување и креирање политики и Јасмина Димишковска Рајковска, извршен директор на „Отворена порта-Ла Страда“.
Во рамки на Форумот ќе биде презентирана и Националната анализа на судските пресуди и студии на случај за трговија со луѓе од правниот експерт Наташа Бошкова.
Проектот е поддржан од регионалниот грант на проектот „СМАРТ Балкан – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан“, спроведуван од Centar za promociju civilnog društva (CPCD), Центар за истражување и креирање политики (ЦИКП) и Институт за демократија и медијација (ИДМ), со финансиска поддршка од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка (NMFA).