
На денешното рочиште од судскиот процес за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани сведочеше Трајче Димишковски, поранешен вработен во агенцијата за обезбедување „Рубикон“, каде работел од 2023 до август 2025 година.
Во своето сведочење тој објасни како се одвивала комуникацијата меѓу вработените во агенцијата, кој бил задолжен за распоредот на обезбедувачите и каква била улогата на Александар Нацев при организација на поголеми настани.
Димишковски посочи дека во април 2025 година, покрај редовните задачи поврзани со обезбедувањето, добил и административни овластувања.
„Покрај работата за обезбедување добив овластување да потпишувам плати и фактури. Документите ги добивав подготвени од книговодствено биро, а мојата улога беше да ги потпишам и да ги доставам во банка“, изјави сведокот.
Тој објасни дека Александар Нацев повремено се појавувал за да помогне во координацијата на луѓето, особено за време на поголеми настани.
„Не знам точно во кое својство доаѓаше. Понекогаш се појавуваше за да помогне околу координацијата и распоредот на обезбедувачите“, рече Димишковски.
Во однос на организацијата на работата, сведокот наведе дека колегата Јане Јанчевски најчесто бил задолжен за распоредот на луѓето и за обезбедување на униформите. Во случаи кога тој не бил присутен, насоки понекогаш давал и Нацев, кој, според сведочењето, знаел да се појави и како редар, иако немал лиценца за обезбедување.
Димишковски истакна дека комуникацијата меѓу вработените се одвивала и преку Вибер групи, а Нацев бил дел од групата поврзана со обезбедување на средни училишта. По притворањето на Јанчевски, сведокот изјави дека имал комуникација со Нацев.
„Во тој период имавме разговори, главно за трагедијата. Стануваше збор за коментари дека се работи за голема несреќа“, рече тој.
На прашање на одбраната дали некогаш од него било побарано да постапи спротивно на законските обврски како припадник на обезбедување, Димишковски одговори дека такво нешто никогаш не се случило.
„Никогаш не било побарано да направиме нешто што е спротивно на законот“, изјави сведокот.
Тој беше сослушан и на претходното рочиште, но поради барање на одбраната да се запознае со неговиот исказ даден во Обвинителството, сослушувањето беше прекинато и продолжи денеска.
На претходното сведочење Димишковски објасни дека најчесто работел на обезбедување во основни училишта и во патролни активности, а распоредот го добивал од Јанчевски.
По трагичниот настан од 16 март 2025 година, според неговото сведочење, немало значителни промени во неговите работни обврски. Во април, сепак, добил полномошно заверено кај нотар за потпишување на исплати за плати, за што, како што рече, побарал совет од Александар Нацев.
„Се знаеме долго време. Тој како професор подобро ги познава законите и затоа од него побарав помош“, изјави сведокот.
Обвинителството реагираше дека дел од неговите изјави се разликуваат од исказот што претходно го дал во Обвинителството.
Претходно на рочиштето сведочеше и инспектор од Дирекцијата за заштита и спасување од подрачното одделение во Виница. Тој посочи дека по пожарот во клубот „Пулс“ биле утврдени сериозни пропусти во објектот, меѓу кои недостиг на противпожарни апарати, празен хидрант и заклучена помошна врата.
Инспекторот истакна и дека Општина Кочани повеќе од десет години немала инспектор за заштита и спасување, а за вршење надзор во друга општина била потребна писмена наредба од раководството.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, додека Обвинителството го застапува тим од 15 јавни обвинители. Следното рочиште е закажано за 17 март, кога ќе продолжи сослушувањето на сведоци предложени од обвинителството.

