Skip to main content
Македонија

На владина седница извештајот за бојкотот на маркетите, можни мерки за цените

11/02/2025  07:58

Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) и Министерството за економија и труд денеска на седница на Владата треба да поднесат извештај во врска со бојкотот на маркетите поради високите цени на прехранбените производи од што ќе зависи дали ќе се преземат понатамошни мерки за контрола на цените.

Бојкотот на потрошувачите го поддржа и премиерот Христијан Мицкоски кој рече дека не може исти производи од исти производители во сите земји во околината да бидат поевтини отколку во земјава, но кажа дека очекува производителите, дистрибутерите и трговците преку дијалог да го надминат проблемот.

Од Сојузот на стопански комори, пак, велат дека супермаркетите работат со минимални маржи и дека ценовната моќ е кај добавувачите и производителите. Повикувајќи се на резултатите од направена анализа, од ССК посочуваат дека супермаркетите работат со просечна профитна маржа од 0,83 отсто, а производителите и дистрибутерите во просек остваруваат 4,32 отсто.

Анализата, како што посочуваат од Комората, покажала екстреми во профитните маржи. Некои производители имаат профитни маржи кои се далеку над оние на супермаркетите.

По примерот на Хрватска потрошувачите во земјава веќе два петоци по ред ги бојкотираат осумте големи синџири на маркети поради високите цени на производите. Ако во првиот петок од бојкотот маркетите имаа намален промет за 46,59 отсто во споредба со вообичаен петок, минатиот петок прометот им беше намален само за 22,12 отсто.