
По повод 17 март – Денот на формирањето на Црвен крст и Денот на крводарителството, денеска во Скопје се организира настан посветен на промоцијата на првата помош под мотото „Култура на безбедност – здрава заедница“.
На плоштадот „Македонија“ на поставените едукативни пунктови заинтересираните граѓани можеа да присуствуваат на симулации на прва помош со ПП различни сценарија, кои беа демонстрирани од обучени волонтери и животоспасители, како и обучени кадри од МВР и АРМ, а беше претставен и Националната интервентна единица на ЦКРМ.
На настанот беше истакнато дека овој ден претставува значаен симбол на хуманоста, солидарноста и подготвеноста да се помогне таму каде што е најпотребно. Во таа насока, како што беше посочено, првата помош има особено значење, бидејќи претставува прва и најважна реакција во моменти кога секунда може да значи и живот. Од денешниот настан беше испратена порака дека „знаењето спасува живот и дека секој од нас може да биде алката што прави разлика во критичен момент“.
-Црвен крст на Република Македонија континуирано ја потврдува својата лидерска улога во едукацијата за прва помош како животоспасувачка вештина, нудејќи курсеви, обуки, демонстрации и активности за различни целни групи со цел што поголем број граѓани да бидат подготвени правилно и навремено да реагираат во итни ситуации. Првата помош не е само вештина, таа е одговорност, хуманост и подготвеност да се заштити човечкиот живот. Знаењата за прва помош треба да бидат дел од секојдневието на секој човек, затоа што може да се применат во домот, училиштето, работното место, сообраќајот. Црвениот крст придонесува кон создавање побезбедни, поздрави и поотпорни заедници во кои секој граѓанин може да биде подготвен да помогне, беше нагласено на настанот.
Сузана Тунева Пауновска, секретар на Црвен крст на Град Скопје истакна дека по трагичниот настан во Кочани, како Црвен крст направиле целосна реорганизација на нивниот одговор за дејствување при катастрофи.
-Националната интервентна единица навистина е еден сегмент којшто во првите 72 часа во некоја идна криза ќе биде тој којшто ќе го воспостави системот на Црвениот крст за поддршка на граѓаните во случај на кризна состојба и ќе направи сè за да може да излеземе во пресрет на оние коишто ќе бидат на некој начин ќе имаат ефект од таа криза, којашто во некое идно време би се случила. Не дај Боже, секако. Меѓутоа, ние мораме да бидеме подготвени. Сите оние граѓани коишто ќе бидат тука со нас можат слободно да практицираат, да прашуваат за сите информации заради тоа што навистина, првата помош е нешто што значи спасување на човечки живот, рече таа.
Потенцира дека оваа активност ја реализираат во соработка и со Министерството за здравство и Брзата помош бидејќи, како што нагласи, работата на претставниците на Црвен крст е до лекарската помош.
-Нашата задача е до лекарска помош. Значи, целата оваа активност ја правиме во соработка и со Министерството за здравство и Брзата помош заради тоа што ние работиме до лекарска помош, а потоа тие продолжуваат. Сакам да истакнам исто така дека и во иднина ќе продолжиме со овие обуки, а оваа година посебно ќе се фокусираме на работните организации, бидејќи идните возачи, учениците во основните и средните училишта веќе имаат некоја навика за да ја практицираат првата помош, а малку повеќе оваа година ќе се фокусираме на работните организации, на работодавачите, на корпоративниот сектор заради тоа што навистина мислиме дека тука треба малку повеќе да влеземе со оваа наша традиционална активност, рече Тунева Пауновска.
Во рамки на настанот на градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски му беше врачена плакета благодарница од Црвен крст по повод 80 години постоење на оваа организација. Поради неодложни обврски градоначалникот не присусвуваше на настанот, но благодарницата беше примена од шефот на неговиот кабинет Кирил Митрески, кој побара извинување и ја пренесе пораката на Ѓорѓиевски.
-Град Скопје ќе продолжи со максимална поддршка на Црвениот крст поради тоа што токму вие со вашата хуманост во изминативе децении бевте присутни во сите кризни ситуации секаде каде што беше неопходно и за секој човек за кој што било најмногу, се посочуваше во пораката на Ѓорѓиевски.
Тунева соопшти дека од денеска градоначалникот Ѓорѓиевски заедно со неговиот тим потпишале пристапници и официјално веќе се членови во Црвениот крст.

