Skip to main content
Македонија

На Клиниката за онкологија во Скопјe не се изработуваат анализи на тумор маркери, пропаднал тендерот

04/12/2025  16:42

На Клиниката за радиотерапија и онкологија во Скопјe во моментов не се врши испитување на тумор маркери, затоа што е откажана јавната набавка, а пациентите ова испитување мора да го направат во други јавни лаборатории, пишува Порталб.мк.

Пациентка која веќе неколку години е пациентка на Клиниката за радиотерапија и онкологија во Скопјe вчера била на редовен преглед на Клиниката. Таа за Порталб.мк изјави дека докторот ѝ рекол дека не можат да испитаат тумор маркери бидејќи немале материјал.

„Оваа анализа сум ја правела тука секој пат кога доаѓав на преглед, докторот ми рече дека бидејќи нема материјал за оваа испитување, тоа можам да го направам во градската болница во градот од каде што доаѓам и онколозите од таму можат да ги видат резултатите“, истакнала таа.

Пациентката додаде дека не треба да има недостиг и дека треба да се преземат мерки за оваа анализа, која е многу важна за пациентите, да им се нуди во секое време.

Од друга страна, од Клиниката за радиотерапија и онкологија за Порталб.мк изјавија дека во моментов анализата не се врши бидејќи е откажана јавната набавка.

„На ЈЗУ УК за радиотерапија и онкологија – Скопје во моментов не се изработуваат анализи на тумор маркери поради поништување на јавна набавка, но постапката е повторно објавена и анализите наскоро ќе бидат достапни. Во меѓувреме, пациентите овие анализи можат да ги направат во околу 40 јавни лаборатории“, соопштија од Клиниката за радиотерапија и онкологија.

Од таму не појаснија кога точно ќе почне повторно да се врши оваа анализа. Потсетуваме дека во тек се два процеса за злоупотребите на Клиниката за онкологија што предизвикаа голема реакција кај јавноста. Обвинителството го подели случајот на две обвиненија, од кои во едното („Онкологија 1) директорот и уште двајца онколози се судат за несовесно лекување на пациентите, во другото двајцата поранешни директори се гонат за проширени кривични дела – злоупотреба на службената положба и овластување, измама во службата и проневера во службата.