
На клиниките веќе недостигаат лекари, а партиите во полн ек ги туркаат белите мантили во политичка арена. Докторите станаа главен адут на политичките партии за претстојните локални избори. Само во скопските општини веќе се познати четворица лекари кои ќе се борат за функцијата градоначалник.

Од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, радиологот Александар Стојковски ќе се обиде да обезбеди втор мандат во општина Ѓорче Петров. СДСМ ќе настапи со двајца лекари – анестезиологот Маја Мојсова Мијовска за Карпош и ортопедот Александар Трајановски за општина Аеродром. Дигестивниот хирург Бујар Османи од ДУИ пак, влегува во трката за Чаир.
Но, листата не завршува тука. Политичките партии веќе ги назначија и првите доктори-кандидати и во други општини, меѓу кои Гостивар и Охрид.
Овој тренд ја отвора дилемата – дали станува збор за вистинска желба за подобрување на локалното управување или политичка стратегија која се потпира на довербата што граѓаните традиционално ја имаат во здравствените работници.
Во меѓувреме, здравствениот систем се соочува со се поголем недостиг од специјалисти, а ординациите во јавното здравство остануваат сè повеќе без кадар. Граѓаните реагираат – кој ќе не лечи ако сите доктори седнат во фотелји?
Партиите, пак, уверуваат дека лекарите-кандидати се луѓе кои ја разбираат болката на системот и дека токму тие се вистинскиот лек за проблемите во општините. Но останува прашањето: ќе донесат ли докторите терапија или само нова политичка дијагноза?