
Јавното обвинителство смета дека нема основ за промена на мерката куќен притвор за поранешниот градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов, и се спротивстави на барањето на неговата одбрана за замена со поблаги мерки за претпазливост.
Обвинителот Борче Јанев на рочиште изјави дека во оваа фаза од постапката не постојат околности кои би оправдале укинување на куќниот притвор.
„Јавното обвинителство смета дека треба да се одбие барањето за замена на куќниот притвор со мерки за претпазливост“, нагласи Јанев.
Одбраната на Папазов претходно побарала укинување на куќниот притвор и негово заменување со поблаги мерки, но обвинителството останува на ставот дека актуелната мерка е оправдана.
Судијката Груевска-Илиевска информираше дека Судот ќе се произнесе по ова барање на наредното рочиште.
Инаку, Папазов беше на функцијата градоначалник на Кочани во периодот кога се случи трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, случај кој предизвика силен јавен интерес и отвори бројни прашања за одговорноста на институциите.
