Skip to main content
Магазин

На 50 години посака уште едно дете – доби тројки

13/02/2026  23:18

Швеѓанката Мари Густавсон, која веќе била мајка на четири сина, на 50-годишна возраст решила повторно да стане родител. Наместо едно дете, нејзината желба резултирала со раѓање на тројки – две девојчиња и едно момче.

Бебињата Чарли, Лорин и Лара се родени со итен царски рез во шведскиот град Удевала. И покрај тоа што бременоста била оценета како високоризична поради возраста на мајката, лекарите потврдиле дека и мајката и новороденчињата се во добра здравствена состојба.

Парот се одлучил за вештачко оплодување на Кипар, каде третманот чинел околу 5.500 евра. Мари раскажала дека не очекувале успешен исход од првиот обид, па биле префрлени три ембриони за да се зголемат шансите за бременост. Според лекарите, веројатноста сите три ембриони успешно да се развијат била околу пет проценти.

Во текот на бременоста, поради зголемениот ризик, лекарите ѝ препорачале да размисли за намалување на бројот на фетуси, но таа одлучила да ја изнесе бременоста до крај.

Тројките при раѓањето тежеле меѓу еден и еден и пол килограм, но според последните информации напредуваат добро. Со нивното доаѓање, семејството Густавсон сега брои седум деца.

Мари вели дека мајчинството на 50 години за неа е поедноставно отколку кога била помлада, бидејќи денес има повеќе искуство и трпение. „Сега ми е полесно отколку порано, кога немав искуство со бебиња“, изјавила таа.