Skip to main content
Македонија

На 5 јули официјално ќе биде пуштен системот со едно застанување на границата со Србија

25/06/2025  14:47

На 5 јули годинава се очекува официјално да биде пуштен во употреба системот со едно застанување на границата со Република Србија, најави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и посочи дека во моментот тоа е најфреквентниот граничен премин, што ќе придонесе за олеснување на протокот на патници.

„Во рамки на вчерашниот ден помина завршната ратификација на договорот што претходно го потпишавме со мојот српски колега Ивица Дачиќ. Се надевам дека на 5 јули ќе имаме официјално пуштање во функција на овој систем со Србија. Во тек е фазата на тестирање на системот“,

рече тој при денешната посета на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Со ова, како што додаде, ќе се имплементира систем каков што доликува во вистинска смисла на зборот, а не хибрид решението што досега сме го имале, што очигледно дека не дава резултати оти метежите се присутни на границите.

„Ние го штитиме нашиот влез, а полициските службеници од Србија го штитат влезот во нивната држава, со тоа што ќе ги разменуваме информациите многу брзо“,кажа министерот.

Системот со едно застанува веќе е пуштен во функција со Косово, што резултира со намалување на метежите што ги имало пред неколку месеци.

Според министерот, трета земја со која ќе биде воведен системот со едно застанување е Република Албанија.

„На два гранични премини што ги имаме со Албанија се планира да се имплементира ваков паметен систем на контрола. Се надевам дека до крајот на летниот период ќе започнеме со тест фаза. Тоа зависи и од формалното усвојување на акти во рамки на нашето и албанското Собрание. Се надевам дека најбрзо што можеме би го ставиле овој систем во функција и со Албанија“,
вели Тошковски.

Со воведување на ваков паметен и побрз систем на нашите граници, како што вели тој, би ги заокружиле трите наши соседи што не се дел од Европската Унија.