
Основниот кривичен суд Скопје пресудата за второобвинетата за случајот Онкологија, онкологот Мери Пешевска која призна вина ќе ја објави на 22 септември. Пешевска заедно со поранешниот директор на Клиниката за онкологија Никола Васев, и уште двајца онколози е обвинета за несовесно лекување пациенти.
За делото што и се става на товар на Пешевска е предвидена казна затвор до три години.
Обвинителката Ана Гоговска Јакимовска, во завршен збор рече дека обвинетата изразила искрено признание и каење и дека во текот на целата постапка и пред ЈО и во Судот има примерно поведение, меѓутоа има и отежнителни околности.
-Тоа е дека последиците од дејствијата е што кај седум пациенти дошло до нарушување на здравјето. Како онколог имала зголемена должност на внимание, како и тоа дека неовластениот пристап и користење на факсимеклот се случувало во континуитет. Имајќи ги в предвид сите околности и признание на вина ЈО предлага Судот да ја прогласи за виновна и казни согласно закон, изјави Гоговска Јакимовска.
Бранителот на Пешевска, адвокат Влатко Китановски во завршен збор рече дека иако обвинетата призна вина дека од небрежност постапила, мора да бидеме искрени и да се запрашаме дали овој доктор треба да биде гледана како криминалец.
-Тоа што ги споделила со друг доктор своите лични податоци и факсимил Мери немала намера или корист, туку цел да им помогне на пациентите. Тоа што некој ги злоупотребил треба да одговара за тоа, изјави Китановски.
Според Китановски, не може да ја осудуваме за момент на небрежност, кога целокупниот работен век служи на пациентите и спасување на животи.