Skip to main content
Македонија

МЗ активираше електронски модул за лекари од дијаспора

16/01/2026  18:03

Активиран е електронски модул на кој лекарите кои работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем. Електронскиот модул е активиран на веб страната на министерството за здравство.
 
– Во рамките на нашите заложби за дигитализација во здравството овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа пригода ги повикувам да се пријават нашите лекари што работат во странски медицински центри, лекари што се на специјализација или супспецијализација во странство или лекари што се ангажирани во странски академски и научноистражувачки установи – потенцира министерот за здравство Азир Алиу.
 
Министерството за здравство информира дека пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на ресорното министерство по што од таму ќе стапат во контакт со лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
 
Во електронскиот модул со наслов „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.
 
Електронскиот модул е достапен на следниот линк: https://zdravstvo.gov.mk/mk-MK/odnosi-so-javnost/doktori-od-dijasporata-izrazuvanje-interes