
Денеска (27 август 2025) во 04:56 часот во ОВР Кавадарци било пријавено дека на заден влез од казино на улица „Никола Минчев“ во Кавадарци неколку лица физички нападнале едно лице. Нападнатото лице паднало на земја и веднаш му била потребна медицинска помош.
Полициски службеници од ОВР Кавадарци излегле на местото и утврдиле дека се работи за П.Т. (43) од Кавадарци. И покрај укажаната итна медицинска помош, во 05:15 часот екипа од Итната медицинска помош констатирала смрт.
Набргу потоа, поради сомнение за инволвираност во нападот, од слобода биле лишени Д.Б. (26), М.Ѓ. (35) и Д.С. (27), сите од Кавадарци. Тројцата биле приведени и задржани во полициската станица.
„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци заедно со полициски службеници врши увид на местото, како и преглед на снимките од надзорните камери во казиното. По целосно расчистување и документирање на случајот, против сторителите ќе биде поднесена соодветна пријава“, информираа од Министерството за внатрешни работи.