
Министерството за внатрешни работи вечерва во потраги го објави 18-годишниот Саитов Саит, осомничен дека со автомобил прегазил пешак во скопската населба Капиштец, по што избегал од местото на несреќата и ја напуштил државата преку граничниот премин Табановце.
Саитов Саит е роден на 06.04.2007 година во Скопје, од татко Берти и мајка Ганимете, со адреса на живеење на улица „Дом Ндуе Битичи“ во Скопје. Тој се бара по централна и меѓународна потерница, распишана по барање на Основното јавно обвинителство Скопје, за кривично дело по член 300 од Кривичниот законик на Република Македонија – тешки дела против безбедноста во сообраќајот.
Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против осомничениот и за неукажување помош, по сообраќајната несреќа со смртни последици што се случи на 9 јануари на улицата „Народен фронт“.
Според истрагата, 18-годишникот управувал автомобил „Фолксваген пасат“ без да поседува важечка возачка дозвола. Движејќи се со неприспособена брзина, извршил непрописно поместување во левата коловозна лента и удрил во пешакот Љуба Јаковлеска. Наместо да запре и да ѝ укаже помош, веднаш избегал од местото. Повредената била пренесена во Ургентниот центар, каде подоцна им подлегнала на тешките телесни повреди.
Обвинителството информира дека во бегството на осомничениот му помогнале уште две лица – маж и жена – кои со свое возило го пренеле преку граничниот премин Табановце. По нивното враќање во земјава, тие биле уапсени, а јавниот обвинител доставил предлог до судија на претходна постапка за определување мерка притвор.
Полицијата продолжува со активни мерки за пронаоѓање и приведување на осомничениот.

