Skip to main content
Македонија

МВР контролирале, но не спречиле малолетници и опасна пиротехника

16/03/2025  12:54

Трагедијата во Кочани, каде што животот го загубија најмалку 59 млади лица, а преку 100 се повредени, отвора сè поголеми прашања за одговорноста на институциите. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска потврди дека полицијата синоќа вршела контрола во дискотеката „Пулс“ во Кочани, но не го прекинала концертот. Оваа информација ја прави несреќата уште поскандалозна – како е можно МВР да било таму, а да не спречи трагедија која очигледно можеше да се избегне?
Според изјавата на Тошковски, полицаец кој бил на терен вршел проверка за дрога и за жал загинал во пожарот. Но, истовремено, министерот тврди дека биле вршени контроли за присуство на малолетници во дискотеките низ целата држава, вклучително и во „Пулс“. Ако навистина била спроведена таква контрола, како е можно толку многу малолетници да се нашле во клубот, а дел од нив и да го загубат животот?
Дополнително, останува отворено прашањето за употребата на пиротехника, која е клучната причина за пожарот. Според законот, користењето на вакви пиротехнички средства во затворен простор мора да биде строго регулирано и дозволено само на компании со соодветна лиценца од МВР. Сепак, и покрај тоа што инспекции на МВР синоќа биле присутни, тие очигледно не реагирале на употребата на прскалки, кои го запалиле запаливиот материјал над сцената.
Сега се поставуваат неколку клучни прашања:
Ако МВР вршело контроли, зошто не било спречено присуството на малолетници во дискотеката?
Кој дозволил користење на пиротехнички средства и дали МВР воопшто издало таква дозвола?
Ако полицијата била на лице место, зошто не реагирала на очигледната опасност?
Зошто не бил прекинат концертот ако имало безбедносни ризици?
Јавноста бара одговори, а не само апсења и разрешувања по несреќата. Доколку се потврди дека контролите биле формални, без вистинска проверка, тогаш оваа катастрофа не е само трагичен инцидент, туку институционален колапс што чинеше десетици животи.