
Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска упати апел до сите учесници во сообраќајот да управуваат со возилата со зголемена внимателност, особено во услови на намалена видливост, и апсолутно да не седнуваат зад воланот доколку консумирале алкохол на предновогодишни забави и семејни собири. Од МВР информираат дека на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје, во периодот од 15 до 20 декември, евидентирани се вкупно 53 сообраќајни незгоди, а засилените сообраќајни контроли продолжуваат и во наредниот период.
„Апелираме и до учесниците во патниот сообраќај да бидат внимателни и во целост да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, задолжително да поседуваат зимска опрема и да не седнуваат зад воланот под дејство на алкохол. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат законските прописи и да соработуваат со полицијата. Сите нарушувања на јавниот ред и мир да ги пријават во полициска станица или преку телефонските броеви 192 или 112“, велат од МВР.
Воедно, од Министерството посочуваат дека интензивно се спроведуваат и активности насочени кон спречување на употребата на пиротехнички средства, имајќи предвид дека токму во периодот пред Нова година ваквите појави се почести. Како што додаваат, целта е да се подигне свеста кај младите, но и кај нивните родители, дека петардите не се играчки, туку опасни средства кои можат да предизвикаат сериозни и трајни последици по здравјето.
