
Доколку се реализира најавата на транспортните превозници од Западен Балкан в понеделник во нашата држава ќе се затворат за товарен сообраќај граничните премини: Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блато и Блаце, а Табановце – Прешево ќе биде затворен од српска страна.
Поради воведувањето на новиот систем за влез и излез (ЕЕС) на Европската Унија, македонските превозници како и од Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина најавија дека в понеделник ќе почнат седумдневна блокада на граничните премини кои одат кон шенген зоната.
Билјана Муратовска, генерален секретар на Асоцијацијата на здруженија на работодавачите на превозните трговски друштва на Република Македонија “Макам–транс“ за МИА изјави дека се свесни за последиците од блокадата, но истакнува дека ако се реализираат нивните барања придобивките ќе бидат огромни во однос на раст и развој на економијата во државата и во Западен Балкан.
Муратовска вели дека засега нема никакви сигнали од Европската комисија за какви било преговори во однос на решавање на проблемот со евиденција на престој во Шенген зоната согласно правилото 90/180 дена за професионалните возачи.
– Доколку до понеделник не се добие каква било информација од ЕУ, протестот во сите четири држави ќа започне точно во 12:00 часот за сите возила кои излегуваат од државата, а за сите возила кои ќе влегуваат во државата, граничните премини се затвораат во 00:00 часот со цел сите кои се враќаат дома да можат да влезат и да се приклучат на протестот, изјави Муратовска.
Главното барање на превозниците е да се најде решение за престојот на возачите во Шенген зоната, како што појаснува Муратовска, да не се евидентираат денови или да ни издаваат некој вид на визи кои не се лимитирани со број на денови.
– Новите правила ќе значат целосен колапс на економијата во државата, односно во целиот регион на Западен Балкан вклучуваќи ја и Турција ( држави кои не се членки на ЕУ и Шенген зоната) поради прекин на синџирот на снабдување. А транспортната индустрија во која има вложен огромен капитал и обезбедува прилив на ефективни странски пари во буџетот ќе биде целосно разнишана, укажува Муратовска.
Протестот, истакнува, започнува на 26 јануари, а според реакцијата на ЕУ ќе зависи дали ќе започне или ќе трае кратко, но сепак максимално траење на блокадите ќе биде седум дена што е синоним за еден просечен циклус на превоз на стока.
– Во нашата држава се затвораат за товарен сообраќај граничните премини: Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блато и Блаце, а Табановце – Прешево ќе биде затворен од српската страна. Со оваа блокада свесни сме дека ќе има одредени минимални финансиски загуби за сите, но сепак придобивките од ова ако се реализираат нашите барања ќе бидат огромни во однос на раст и развој на економијата во државата и во Западен Балкан, изјави Муратовска.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски претходно изјави дека една година алармираат за проблемот со транспортерите и со електронската евиденција во ЕУ истакнувајќи дека се работи за огромен економски проблем кој што може целосно да ја колабира македонската и регионалната економија.
– Иако имав жестока размена на аргументи со надлежните во рамки на ЕУ директно во Брисел, за жал не наидов на разбирање. Проблемот е многу сериозен од причина што ова ќе влијае врз работата на транспортниот сектор во целиот регион, дополнително на извозно ориентираните компании. Засега решение нема, а Владата целесно ги разбира транспортерите и најавените блокади на граничните премини кон Шенген земјите, рече Николоски во интервју за Радио Лидер.
Тој укажа дека економската активност ќе запре доколку домашните компании кои се извозно ориентирани не можат да извезуваат, како и дека стануваат неконкурентни на европскиот пазар доколку поскапи превозот за 3 до 5 проценти.
Николоски рече дека во разговорите во Брисел како пример навел дека е голема веројатноста за зголемување на цената на превозот за 5 проценти со што домашните производи ќе станат неконкуретни на европскиот пазар.
– Системот за влез и излез (ЕЕС) на ЕУ не воведува никакви нови барања во врска со краткиот престој во Шенген зоната, изјави на 19 месецов портпаролот на Европската комисија за внатрешни работи Маркус Ламерт во врска со тврдењата на здруженијата на превозниците од Западниот Балкан дека ЕЕС „во основа ги остава нивните работници и возачи без работа“, поради што се најавени блокади на граничните премини меѓу балканските земји и Шенген зоната за 26 јануари.
Она што го прави ЕЕС е да обезбеди подобро спроведување на постојните правила и систематско откривање на неправилности, рече Ламерт, нагласувајќи дека ЕК внимателно го следи прашањето околу најавите на превозниците и е во контакт со партнерите од Западниот Балкан.
Ламерт потенцира дека со ЕЕС не се воведени никакви измени во однос постојните правила за престој во Шенген зоната.
-Според правилата, државјани на трети земји без виза имаат право да останат во Шенген зоната вкупно 90 дена во кој било период од 180 дена. Сè што е надвор од ова мора да биде покриено со виза за долг престој или со дозвола издадена од земја членка, рече Ламерт.
Тој додаде дека Шенген правилата веќе им даваат флексибилност на превозниците, особено на оние што често ја преминуваат границата на ист премин.
– Лицата кои имаат локална дозвола, не се обврзани при влез да се регистрираат во ЕЕС системот. Дали тоа се прават при случајни гранични проверки или не, зависи од земјите членки на надворешните граници, а не од Комисијата. Правилата за престој во Шенген зоната се јасни, тие не се променети и имаат одредена вградена флексибилност, додаде Ламерт.

