Skip to main content
Спорт

Мукаетов: Се надеваме на одлука според важечките спортски правилници на ЕХФ

26/05/2025  12:00

Сопственикот на компанијата Алкалоид, Живко Мукаетов изрази надеж дека Европската ракометна федерација ќе донесе правилна одлука за неодиграниот натпревар вчеравечер во СЦ „Борис Трајковски“.

На својот Инстаграм профил напиша дека мечот бил организиран перфектно, според сите барања од надлежните, па токму затоа се надева дека одлуката на ЕХФ ќе биде донесена според важечките спортски правила.

„Огромно благодарам од срце на сите кои дојдовте во СЦ „Борис Трајковски“ да го бодрите РК Алкалоид кон историскиот успех. Чесно, праведно, спортски и витешки пристапивме кон ова натпреварување, целосно. И клубот и прекрасната публика синоќа.

РК Алкалоид ги исполни сите барања на надлежните авторитети во поглед на сите организациски аспекти од синоќешниот настан, кој требаше да биде заокружување на една убава приказна во која е вложен многу труд, напор и ресурси.

Се надеваме на одлука според важечките спортски правилници на ЕХФ“, напиша Мукаетов.