![](https://24info.mk/wp-content/uploads/2025/02/mucunski-vo-avstralija-1024x1020.jpg)
Во рамки на работната посета на Австралија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, присуствуваше и се обрати на натпревар на Престон Лајонс, еден од најуспешните македонски фудбалски клубови во Австралија. Клубот претставува спортски симбол на македонската заедница и ја негува традицијата и врските со татковината преку спортот.
Во црвено-жолта боја, тука од Мелбурн навивавме за тимот кој е гордост на македонската заедница, успешен спортски модел и симбол на спортскиот дух во Австралија,“ напиша Муцунски во објавата на социјалните мрежи. Тој натпреварот го проследи заедно со неколку успешни македонски стопанственици, кои со својата поддршка придонесуваат за зачувување на македонскиот спортски и културен идентитет во дијаспората.
Посетата на Австралија е можност за зајакнување на врските со нашите иселеници, кои имаат значајна улога во градењето мостови на соработка. Во рамки на посетата, министерот Муцунски го посети и македонскиот манастир Св. Климент Охридски – најстариот македонски манастир во дијаспората, како и соборниот храм Раѓањето на Пресвета Богородица во Мелбурн, истакнувајќи дека црквите се важен столб за зачувување на македонскиот идентитет, култура и традиција.
Дополнително, министерот Муцунски оствари средба со претставници на Македонското здружение за благосостојба на заедницата (MCWA), водечка организација во Австралија посветена на обезбедување индивидуализирана грижа за постари лица, со акцент на културната компетентност и инклузивноста. Како заеднички ориентирана организација, MCWA нуди широк спектар на услуги, вклучувајќи програми за добросостојба и рехабилитација, следејќи ги најдобрите практики и регулаторни стандарди.