
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, смета дека темата за прием на одбиени баратели на азил во земјава, шпекулативно ја отвориле медиуми од Обединетото Кралство, и тоа не само за Македонија. Таква дискусија и намера од нашата влада ниту имало ниту ќе има, вели Муцунски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Муцунски: Во ниту една форма, и легални и нелегални, вакви, такви, никакви мигранти нема да бидат примени во нашата држава врз основа на која било форма на договор со Обединетото Кралство.
„360 степени“: Одбиени баратели за азил?
Муцунски: Ниту одбиени баратели за азил. Ниту ќе бидат во посебни… кажавме дека нема да има посебни центри, па видов опозицијата почна да шири хистерија – „да, нема да бидат во посебни центри, ќе бидат во станови“. Ни тоа, ни тоа нема да го има. Значи, никаков пакет поврзан со мигранти или одбиени баратели на азил нема оваа влада да склучи, ниту преговарала за такво нешто, ниту имала намера да преговара за такво нешто. Значи, се работи за целосно креирана лажна вест којашто на еден безобразен, штетен начин, се ширеше од главната опозициска партија во државата.
На новинарска констатација дека појдовната основа за целата дебата, сепак, беше информација објавена во британски медиуми, која гласеше: „балканската држава е во формални разговори со Обединетото Кралство за да биде домаќин на еден од центрите за враќање“, Муцунски посочува дека тоа не е спорно, но додава дека и покрај тоа што демантирале најповиканите во државата – претседателката, премиерот, министерот за надворешни и министерот за внатрешни работи, опозицијата сè уште ја шири таа паника.
„360 степени“: А зошто првично не одговорила Владата на барањата на британските медиуми?
Муцунски: Тоа јас не знам дали одговорила или не одговорила во делот на комуникацијата, но јас ви кажувам, ние внатрешно се координиравме, заедно со тимот за односи со јавноста во Владата, видовме дека наеднаш добиваме повеќе прашања и без да се чека став од страна на Владата, се објавуваа повеќе текстови во медиумите во Обединетото Кралство, и се одлучивме да го направиме одговорот на еден системски начин. Односно, акумулиравме информации за сите медиуми коишто поставија вакви прашања и потоа им пуштивме одговор. Еве и друго ќе ви кажам. Имаше и други медиуми коишто во меѓувреме поставија прашање следејќи ги написите во „Тајмс“ и во други медиуми. И потоа откако го добија одговорот од нашата институција, не објавија текст бидејќи сфатија дека очигледно се работи за дезинформација и за лажна вест. И мислам дека и тоа беше дел од наративот на опозицијата во државата. Сега тоа не можеме да го негираме. Се фаќаа за секое зборче, обидувајќи се да најдат дупка низ зборчето, за да најдат некој начин да ја потврдат тезата. И најдобриот одговор веројатно им го даде премиерот Мицкоски – ќе помине време.
Шефот на македонската дипломатија ја отфрла можноста некој внатре во Владата да испратил макар полусигнал до британските власти дека се подготвени на разговор на таа тема.
„Апсолутно е јасно кој во Владата има и кој во оваа држава има надлежност да дискутира по ова прашање. За тоа не треба да има никаква дилема. А нема потреба да се проверуваме, по мене, во рамките на Владата. Сите коишто сме учествувале во овој договорен аранжман со Обединетото Кралство, добро знаеме што сме дискутирале, добро знаеме кои биле темите коишто ние сме ги покривале во целокупниот овој договорен аранжман, и стратешкото партнерство и договорот ’влада со влада’. И тоа што можам да ви го кажам, и во самиот договорен аранжман којшто опфаќа два договори – Декларацијата за стратешко партнерство и договорот ’влада со влада’ – и двата документи се јавни, можете и вие да пристапите до нив, никаде нема спомнување на темата за прифаќање мигранти или прифаќање нелегални баратели на азил“,додава тој.
