Skip to main content
Македонија

Муцунски: Наш неостварен стратешки приоритет е отворањето на преговорите и што побрзо членство во ЕУ

19/03/2026  10:29

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во гостување во вестите на Алсат ТВ истакна дека државата континуирано ја следи дискусијата во рамки на европските институции и различните дебати што се водат.

„Ние секако ја следиме дискусијата, како и различните дебати што постојат, но во овој момент наш неостварен стратешки, надворешнополитички приоритет на државата е отворањето на преговорите за членство и што побрзо полноправно членство во Европската Унија”, нагласи тој.

Тој додаде дека, од аспект на начинот на кој се носат одлуките во Европската Унија, за евентуална промена на методологијата или на правилата поврзани со проширувањето е потребен консензус.

„Според тоа што го слушаме, постојат повеќе различни идеи за тоа како одредени земји членки или групи на земји членки, па дури и Европската комисија, ја гледаат иднината на политиката за проширување. Но она што е јасно е дека, барем во овој момент, нема консензус по ниту едно од овие алтернативни решенија”, додаде министерот.

Коментирајќи го односот на опозицијата, министерот Муцунски истакна дека станува збор за политички субјект кој го промени името на државата, вети дополнителни уставни измени и направи значителни национални отстапки со цел напредок кон европскиот пат.

„Осум години по тие отстапки, односно веќе се приближуваме кон десет години, државата сѐ уште нема започнато преговори со Европската Унија. Оттаму, резултатот од нивната политика најдобро се гледа преку она што го направиле и она што го постигнале”, заклучи тој.

Тој додаде дека СДСМ како политички субјект нема апсолутно никаков кредибилитет да предлага политики во областа на надворешната политика.

„Веројатно подоблесно би било да се извини за сите грешки во минатото и да даде целосна поддршка на Владата, која се обидува да врати дел од позициите на национално достоинство”, истакна Муцунски.