Skip to main content
Македонија

Муцунски најавува позитивни изненадувања во визната политика на САД во следните 6 месеци

15/01/2026  14:20

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски изјави дека Македонија е во постојана комуникација со Вашингтон по одлуката на американскиот Стејт департмент за суспендирање на издавањето имигрантски визи за државјаните на повеќе земји, меѓу кои и Македонија, уверувајќи дека оваа мерка нема да влијае врз другите типови визи.

Муцунски нагласи дека не станува збор за „црна листа“ или прекин на односите, туку за паузирање на постапките за иселенички визи, за кои, како што рече, има најмал број апликации и најчесто се однесуваат на повозрасна категорија граѓани.

„Доколку сте стопанственик кој сака да патува во САД – слободно можете да аплицирате за виза. Доколку сте студент кој сака да студира или да оди на ‘work and travel’ – нема никаква пречка. И туристичките патувања, како на пример за Светското првенство во фудбал што ќе се одржува таму, остануваат непроменети“, изјави Муцунски, одговарајќи на новинарски прашања по средбата со раководството на МАСИТ.

Тој посочи дека приоритет на државата во визната политика се визите кои придонесуваат за развој – за стопанственици, научници и студенти – и дека за овие категории нема никаква промена.

„Оставете малку на времето, оставете на нашата комуникација и на фактот што имаме одлична соработка со нашиот стратешки партнер. Во следниот период, можеби во следните шест месеци, дополнително позитивно ќе се изненадите што може да се случи во развојот на визната политика на САД кон нашата држава, односно да почнеме да затвораме прашања кои 20 години се обидувавме да ги затвориме. Проактивни сме и работиме на решение. Граѓаните не треба да се грижат“, рече министерот.

Муцунски додаде дека со САД се дискутирало за причините за одлуката, но оцени дека не е коректно тој да ги изнесува аргументите на американската страна.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го суспендира процесирањето на имигрантски визи за државјаните на 75 земји, меѓу кои и Македонија, а одлуката ќе стапи во сила на 21 јануари.