Skip to main content
Македонија

Муцунски на проштална средба со амбасадорката Агелер

12/01/2026  16:10

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска соопшти дека остварил проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Северна Македонија, Анџела Агелер, на која ѝ изразил благодарност за нејзиниот севкупен ангажман во унапредувањето на билатералните односи меѓу двете земји за време на нејзиниот мандат.

„Изразив благодарност и за значајниот придонес во унапредувањето на политичката и економската соработка, како и за јакнењето на стратешкото партнерство и одличните билатерални односи меѓу двете земји“, напиша Муцунски на својот Фејсбук-профил.

Според министерот, на средбата било изразено заемно задоволство од континуитетот на политичкиот дијалог на високо ниво, како и од развојот на соработката во сите области од заемен интерес. Воедно, тие размениле мислења и за актуелните геополитички случувања и безбедносните предизвици.

„Уште еднаш ја потврдивме заедничката посветеност на стабилноста на Западен Балкан и силното сојузништво во рамките на НАТО“, истакна Муцунски.

Инаку, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во декември минатата година донесе одлука за отповикување на амбасадори и дипломати од речиси 30 земји во светот, кои биле назначени од неговиот претходник Џо Бајден. Меѓу засегнатите европски земји, покрај Северна Македонија, се и Црна Гора, Словачка и Ерменија.

Од Амбасадата на САД во Северна Македонија потврдија дека амбасадорката Анџела Агелер е меѓу дипломатите кои ќе бидат отповикани од функцијата.

„Длабоко сме ѝ благодарни на амбасадорката Агелер за нејзината служба во Северна Македонија во изминатите три години и посветени сме на обезбедување непречена и ефективна транзиција што ќе им даде приоритет на мисијата на САД и на нашите дипломатски односи“, се наведува во соопштението од Амбасадата на САД.