Skip to main content
Македонија

Муцунски ја пречека еврокомесарката Кос: ЕУ интеграцијата – врвен приоритет

30/06/2025  16:46

Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, денеска пристигна во Скопје, каде ќе престојува во рамки на нејзината официјална посета по повод утрешната лидерска средба Европска Унија – Западен Балкан. Таа беше пречекана на скопскиот аеродром од министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски.

Како што информира Муцунски преку објава на социјалната мрежа Фејсбук, централна тема на самитот ќе биде европскиот План за раст, кој има за цел забрзување на економската и институционалната интеграција на земјите од регионот со ЕУ.

„На состанокот на лидерите од ЕУ и Западен Балкан, фокусот ќе биде ставен на Планот за раст, реформската агенда, како и на предизвиците со кои се соочуваат нашата држава и регионот на патот кон полноправно членство во ЕУ“, изјави Муцунски.

Тој најави и дека заедно со премиерот Христијан Мицкоски ќе имаат билатерална средба со еврокомесарката Кос, истакнувајќи дека за Владата евроинтеграциите се приоритетна и јасна стратегиска определба, а не само декларативна заложба.

Утрешната средба ЕУ – Западен Балкан ќе се одржи во Скопје и се очекува на неа да учествуваат високи претставници од Европската комисија, како и лидери од земјите од регионот, во контекст на продлабочување на соработката и поддршка за реформските процеси.