Skip to main content
Македонија

Муцунски: Активно се работи македонските пациенти повредени во пожарот да го продолжат лекувањето во Македонија

26/03/2025  15:21

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска на прес-конференција истакна дека активно се работи на процесот на репатријација на македонските пациенти повредени во пожарот во Кочани кои се лекуваат во странство.

„Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Министерството за здравство и СОЗР активно работат на реализација на процесот на репатријација на македонските пациенти кои успешно го завршуваат болничкото лекување во странство“, рече Муцунски, додавајќи дека Министерството за здравство како надлежна институција изготвило детален медицински протокол со цел процесот да се спроведе навремено, безбедно и во најдобар интерес на пациентите и нивните семејства.

Посочи дека Протоколот преку нашите ДКП-а е доставен до здравствените установи во странство каде се згрижени пациентите и оти врз основа на проценките од медицинските тимови и официјалната потврда од МЗ се организира постапка и секој чекор во процесот на враќање, вклучително и препораката за организирање соодветен тип транспорт што го координира СОЗР.

Тој повтори дека вчера беше успешно реализирано враќањето на еден пациент од Србија, по што денеска се очекува пристигнување на уште еден пациент од Грција и четворица пациенти од Мадрид, додека во наредните денови се очекува враќање на уште неколку пациенти од Белгија, Австрија, Хрватска и Србија.