
Муамет Хоџа денеска официјално стапи на функцијата министер за животна средина и просторно планирање, преземајќи ги надлежностите и одговорностите за раководење со ресорот задолжен за заштита на животната средина, одржливиот развој и просторното планирање во државата.
На својот прв работен ден, министерот Хоџа одржа работна средба со заменик-министерката Ане Лашкоска и со раководниот тим во Министерството, на која беше запознаен со тековните состојби, активните проекти и клучните предизвици со кои се соочува институцијата. Тој нагласи дека неговите приоритети ќе бидат доследното спроведување на законите, зајакнувањето на инспекцискиот надзор, транспарентната и отворена комуникација со јавноста, како и целосното усогласување со Европскиот зелен договор и обврските што произлегуваат од процесот на европска интеграција.
Хоџа најави и активно вклучување на граѓанските организации, научната и академската заедница, локалните самоуправи и сите други релевантни чинители, со цел изнаоѓање одржливи и ефикасни решенија за еколошките предизвици со кои се соочува земјата.
Новиот министер доаѓа на функцијата заменувајќи го Изет Меџити, кој во изминатите 18 месеци ја извршуваше функцијата министер за животна средина и просторно планирање, како и прв вицепремиер.

