
Заменик-министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Александар Грушко, изјави денес дека НАТО и Европската Унија активно се подготвуваат за можен воен конфликт со Русија. Изјавата ја даде по состанокот на работната група на владејачката партија „Единствена Русија“ во Државната дума, јавува руската новинска агенција ТАСС.

– Станува збор за сериозен и суштински разговор околу прашањата на војна и мир, актуелната безбедносна состојба и конкретните воени подготовки на НАТО и ЕУ – изјави Грушко.
Според него, сигналите што доаѓаат од Запад укажуваат на тоа дека Алијансата и Европската Унија веќе не работат само на одвраќање, туку активно сценираат можен директен судир со Руската Федерација.
Изјавата на Грушко доаѓа во период на зголемени тензии меѓу Русија и западните сојузи, при што Москва сѐ почесто ги обвинува западните држави за милитаризација и закани кон нејзините национални интереси.