Skip to main content
Македонија

Монструмот од Прилеп: Убиецот споделувал проруски и прорежимски пораки 

13/07/2025  12:49

Две лица – татко и син – се убиени, а убиецот, 63-годишниот прилепчанец Бошко Мајоски, ноќеска си го одзел животот по стореното злосторство. Трагедијата се случила во семејна куќа на улицата „Стеван Апостолоски“ во Прилеп, каде според првичните сознанија, поради нерешени имотни односи и семејни конфликти, Мајоски прво го лишил од живот својот 43-годишен внук од сестра и неговиот 11-годишен син, а потоа се самоубил.

Таткото и синот се упатиле во куќата околу 15 до 16 часот, каде немало други лица. Куќата, која претходно му била препишана на убиениот внук, можеби била дел од поводот за конфликтот.

Што се случувало во следните неколку часа засега не е познато. Соседите околу 22 часот слушнале истрели, а во меѓувреме загрижената сопруга на убиениот маж се јавила во полиција, бидејќи со часови не можела да стапи во контакт со сопругот и синот.

Кога полицијата пристигнала на локацијата, Мајоски фрлил бомба кон нив, која само делумно експлодирала и не предизвикала повреди.

Поради опасноста, на терен била испратена специјалната единица „Тигри“, која околу 1 часот по полноќ влегла во куќата и ги пронашла трите тела – на таткото, синот и убиецот.

Јавниот обвинител Стевчо Биноски извршил увид и наредил обдукција на телата, како и прибирање на сите траги, оружје и муниција за понатамошна истрага.

На социјалните мрежи, Мајоски се претставувал како ревносен комунист и отворен обожавател на рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун. Овие две фигури за него биле олицетворение на „совршени лидери“, како што самиот напишал во неколку свои објави.

Во една од нив, Ким Џонг Ун го нарекува „храбар“, а во друга ја споделува заканувачката порака на Северна Кореја за Третата светска војна:

„Ништо не е завршено, и ништо уште не започнало. Сме на прагот од светска војна и сите мора да се подготват. Нема друг начин да се справиме со глобалистичките насилници и криминалци.“

Слична фасцинација Мајоски покажувал и кон Иран, редовно објавувајќи фотографии со пофалби за иранскиот режим. Но, неговата најголема симпатија била резервирана за Путин, кого го прославувал преку објави за руската воена моќ.

Овие податоци отвораат нови прашања за неговата психолошка состојба и можните мотиви зад трагичниот чин, кои ќе бидат предмет на натамошна истрага.